
Прегледи: ...
Дата: 13-Дек-2025
Време траење: 00:02:18
Категории: СВЕТ
Продолжуваат напорите за постигнување договор меѓу Русија и Украина. Викендов разговори во Германија каде ќе биде претставена најновата верзија на мировниот план на САД…
Руско - украински конфликт
Преговорите за крај на војната во Украина продолжуваат во Германија
13.12.2025 12:54
Продолжуваат напорите за постигнување договор меѓу Русија и Украина. Викендов разговори во Германија каде ќе биде претставена најновата верзија на мировниот план на САД…
Преговорите за крај на војната во Украина продолжуваат во Германија. Американскиот пратеник Виткоф викендов на средби со Зеленски и европските лидери во Берлин. Ја претставува најновата верзија на мировниот план на САД со цел постигнување договор до Божиќ. Трамп одби да открие детали за клучната одредба во предлогот, која предвидува создавање слободна економска зона во источен Донбас-територија што Москва инсистира Киев да ја отстапи.
„Не сакам да го правам тоа сега. Тоа е многу сложена ситуација, но би функционирало. И многу луѓе сакаат да видат дека функционира. Сè што сакам да направам е да ја спречам смртта на 25.000 луѓе месечно“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Зеленски е скептичен кон најновиот предлог на Белата куќа за решавање на територијалното прашање. Пред заминувањето за Берлин, ги посети украинските војници на фронтот, истакнувајќи дека силните позиции таму се клучни за успех во преговорите.
„Колку е посилна нашата одбрана на фронтот, толку ќе бидат посилни нашите позиции во преговорите. Украина прави сè за да ја заврши војната со достоинство, со почит – кон вас и кон целата наша држава“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Доколку Русија се охрабри со тоа што ќе ѝ се предадат територии што не може воено да ги освои, таа ќе продолжи со својата агресија. Јас сум целосно солидарен со Трамп дека војната мора да се запре. Претседателот Зеленски постојано го кажува ова. Но, што правите ако има агресор кој не сака да запре освен ако не е принуден?“, рече Михајло Подољак, советник на шефот на кабинетот на Зеленски.
Во меѓувреме, ЕУ се согласи да ги замрзне руските средства во вредност од 210 милијарди евра, со надеж во иднина да ѝ бидат доделени на Украина за одбрана и обнова. Шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен ја поздрави одлуката.
„Испраќаме силен сигнал до Русија дека сè додека продолжува оваа брутална војна на агресија, трошоците на Русија ќе продолжат да растат. Ова е моќна порака до Украина: Сакаме да се осигураме дека нашиот храбар сосед ќе стане уште посилен на бојното поле и на преговарачката маса“, порача Фон дер Лајен
Москва соопшти дека Брисел ќе сноси одговорност за одлуката. Прашањето отворено и на билатералната средба Путин-Ердоган на маргините на форумот во Туркменистан.
„Рускиот претседателот даде добро позната проценка за ова. И, секако, двете страни се согласија дека ваквите непромислени дејствија од страна на Европејците ефикасно би го поткопале меѓународниот монетарен договор“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во сенка на дипломатските напори, борбите на фронтот не стивнуваат. Русија изврши масовни напади на југот од Украина, погодени цивилни и енергетски објекти во Одеса. Одговори со удар врз руски Саратов, во нападот загинаа две лица.
Бојана Крстевски